Драма и реми во Струга – Тутенкоски ги спаси домашните од пораз!

Екипите на Струга и Прилеп во рамки од 4. коло од Суперлигата одиграа неизвесен натпревар до самиот крај, а исходот од големата борба заврши без победник, 25:25. Прилеп имаше напад за победа, но голманот на Струга, Дамјан Тутенкоски фати зицер од крило и не дозволи Прилеп да си замине со три бода. За Прилеп освоениот бод беше прв во новата натпреварувачка сезона.

Гостите од Прилеп влегоа мотивирани на стартот од дуелот и со погодоците на Лозаноски и Гавашелишвил поведоа со 2:0. Ракометарите на Струга во првите десетина минути потешко од очекуваното доаѓаа до голот на гостите, кои до половината на првото полувреме беа во резултатска предност од два гола разлика. При секое водство на Прилеп од два разлика, избраниците на Ферукоски доаѓаа до израмнување на резултатот.

По водството на Прилеп од 6:4, домаќините со погодоците на Блажески и Бугариновиќ направија пресврт и за првпат поведоа со 7:6. Следуваше период, во кој двете екипи влегоа во серија на технички грешки и ниту еден од нив не успеа да создаде стабилна предност. Струга со расположениот Рогановиќ на голот и предводникот во нападот, искусниот Петар Бугариновиќ успеа во последните десет минути да воспостави резултатска контрола. Откако беше 8:8, домашната екипа со два гола во низа поведе со 10:8, имаше и три гола предност, 12:9, а на полувреме домашниот состав замина со минимална предност од 14:12.

Прилеп сѐ уште беше во игра за освојување на трите бода, бидејќи не му дозволуваше на својот противник да се одлепи на поголема предност. На стартот на второто полувреме двете екипи влегоа во серија на погодоци, па така во еден момент се играше гол за гол. Струга во неколку наврати успеваше да дојде до помала предност, поведе со 20:16, но тимот на Прилеп направи комплетен пресврт и на речиси 12 минути пред крајот дојде до водство од 21:20.

Кризниот период во играта на домаќините, кои десет минути беа без постигнат гол беше прекинат од Марковски кој со својот втор гол израмни на 21:21 во 50 минута, а минута подоцна неговиот соиграч Блажески беше ефикасен за 22:21. Неизвесноста беше присутна до самиот крај, бидејќи Прилеп повторно дојде до израмнување, 22:22. Во последните осум минути само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од денешната средба.

Гавашелишвил во последната минута погоди за 25:24, откако претходно беше 24:24, а на петнаесетина секунди пред финишот, Блажески израмни на 25:25. До крајот останаа уште десетина секунди, во кои Прилеп не успеа да го совлада Дамјан Тутенкоски, па така ремито беше најреален исход од големата борба.

Најефикасни во составот на Струга беа Петар Бугариновиќ и Ненад Костески со по шест гола. Прв стрелец во Прилеп беше Мириани Гавашелишвил со осум гола во мрежата на домаќинот.