Драма во Свети Николе: Овче Поле со херојски пресврт до три бода против Кичево

Ракометарите на Овче Поле во рамки од 12. коло од Првата лига на свој терен славеа против составот на Кичево со 29:27, во возбудлив натпревар каде само нијанси одлучуваа кој ќе ја добие денешната битка.

Иако Кичево имаше лош почеток и негатива од 3:1 во воведните минути, сепак, гостите со серија од 5:0 го презедоа водството, поведоа со 6:3 и до крајот на првото полувреме беа во резултатска предност, која во неколку наврати изнесуваше седум гола разлика. По водството на Кичево од 16:9, домаќините се консолидираа и со три гола во низа намалија на 16:12.

Пред крајот на првото полувреме црвен картон заработи ракометарот на Кичево, Дарко Јаневски поради три исклучувања. Споменатиот ракометар дуелот го заврши со два постигнати погодоци.

Кичево до 52 минута беше во водство, но никако не можеше да ја осигура победа, бидејќи тимот на Ѓорчев постојано се закануваше и со добрата игра во финишот од дуелот направи комплетен пресврт. Откако беше 22:19, Овче Поле израмни на 22:22, потоа беше 23:23 во 53 минута, а минута подоцна, Коцевски и Гичев на домаќинот му донесоа ,,плус два” 25:23.

На две минути пред крајот резултатот гласеше 28:27 за Овче Поле. Кичево имаше шанса да се избори за барем бод, но не успеа да го совлада противничкиот голман. Гичев пред финишот ги постави конечните 29:27.

Најефикасни во победничката екипа беа Стефан Коцевски со осум и Бојан Гичев со шест гола. Во поразениот табор се истакна Кристијан Смилески со осум погодоци.