Драма во Радовиш – домаќинот и Јуниор КВ си поделија по бод!

Во интересен натпревар од првото коло во Суперлигата, екипите на Радовиш и Јуниор Кисела Вода одиграа нерешено, 22-22 и си поделија по еден бод. Иако во последната минута и двете екипи имаа напади и шанса за триумф, сепак не успеаја да погодат.

Избраниците на Љупче Мијалов водеа во првиот дел со три гола разлика, 5-2, но како одминуваше времето, така гостите од Кисела Вода се враќаа во мечот и успеаја во еден момент да израмнат на 11-11. На пауза се замина со водство на домашните, 13-12.

Во вториот дел најчесто се играше гол за гол и ниту една од екипите не успеваше да се одлепи на плус два или повеќе погодоци предност. Во последната минута се влезе со реми, 22-22, двете екипи не ги реализираа своите напади и на крајот мораа да се задоволат само со бод.

Најдобри стрелци во составот на Радовиш беа Здравко Постолов со девет, како и Јакша Вјештица и Ангелче Органџиев со по пет погодоци, додека кај Јуниор Кисела Вода се истакнаа Никола Матовиќ со девет и Никола Митровиќ со четири гола.