Драма во Келн: Веспрем со празни раце, Кил стигна до бронза

Дуелот за 3. место на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите меѓу Кил и Веспрем заврши со победа на екипата на Кил, која триумфираше по изведувањето на пенали со 37:35, откако регуларниот дел од натпреварот заврши без победник, 34:34.

Ракометарите на Веспрем со голот на Омар Јахија поведоа на стартот од натпреварот, а во следниот период, главно се играше гол за гол, па така резултатот најчесто беше нерешен. Во првите десет минути, голманот на Кил, Ландин, имаше три интервенции, додека чуварот на мрежата на Веспрем, Коралес, две интервенции.

По нерешениот резултат од 3:3, ракометарите на Веспрем со серија од 2:0 за првпат се одлепија на плус два гола разлика, 3:5. Унгарскиот претставник на Ф4 турнирот во Келн до првата половина од првиот дел не успеа да изгради поголема предност од плус два гола, но до крајот на првото полувреме беше подобар противник на теренот.

Кил во последниот период од првите 30 минути влезе во криза, дозволи Веспрем да дојде и до три гола разлика, 12:15, и беше под голем притисок за камбек во дуелот за бронзениот медал. Ракометарите на Момир Илиќ речиси секоја грешка на Кил ја казнуваа со погодок и на пауза заминаа со водство од 14:18.

За неколку минути игра во второто полувреме, екипата на Кил дојде до минус два, 19:21, но не успеа во целост да направи пресврт бидејќи против себе го имаше расположениот состав на Веспрем, кој беше предводен од одличниот голман, Коралес. Во 40 минута предноста на Веспрем беше плус три, 22:25.

Омар Јахија кога беше најпотребно доаѓаше до реализација и ја одржуваше предноста на својот тим. Кил се врати во натпреварот кога со голот на Дувњак дојде до еден гол негатива, 29:30, а во 50 минута, средниот бек на „зебрите“, Зарабец донесе израмнување на резултатот, 30:30. Последните десет минути минаа во голема борба за секоја топка

Кил со голот на Свен ја презеде предноста, поведе со 32:31, и пропушти неколку напади да дојде до два гола позитива. Иако составот на Филип Јиха се наоѓаше пред триумф, сепак, Веспрем со голот на Мае од седмерец го израмни резултатот на 34:34. Тоа значеше дека победникот ќе се одлучува на пенали. Веспрем во пенал серијата промаши три седмерци, додека ракометарите на Кил повеќе беа концентрирани и заслужено дојдоа до бронзениот медал во Лигата на шампионите.