„Дома не ни фали ништо – имаме и од пиле млеко“

Во последен момент, пред да се затворат сите граници, црногорскиот репрезентативец Васко Шеваљевиќ ја напушти Франција. Капитенот на националниот тим и ракометар на Истр, со сопругата и ќерката се наоѓа во Котор во изолација.

„Не трениравме неколку дена, имаше голема неизвесност, пред претседателот на Франција, Макрон, да најави затворање на границите. Јас прашав во клубот дали може да си одам, добив дозвола и веднаш купивме карти од Марсеј, па преку Париз и Загреб до Дубровник, од каде што стигнавме во Црна Гора“, вели Шеваљевиќ за „MNE Rukomet“.

Тој објаснува дека не изглегуваат никаде, но и покрај тоа не им фали ништо.

„Моите живеат блиску и ни носат се што ни е потребно. Дома имаме се, па дури и од пиле млеко“, низ смеа вели Шеваљевиќ.

Францускиот шампионат е прекинат, но и покрај тоа што не се игра, оној дел од платата што ќе им биде скратен од страна на клубовите, ракометарите ќе го добијат од државата.

„Мислам дека нема да се доигра првенството и дека следната сезона ќе почне порано со два нов клуба од Втората лига. Во Франција е силна асоцијацијата на ракометари, која се бори за нашите права, работи во наш интерес и нема да дозволи да продолжи сезоната, а претходно да немаме време за подготовки. Имам среќа што играм во средена држава и нема страв дали ќе бидеме исплатени. Државата ќе покрива 84% од платата на сите, додека останатите 16% клубот ќе одлучи дали ќе ги исплати или не. Но и тоа ќе биде одлично, со оглед на ситуацијата во другите држави и лиги“, завршува Шеваљевиќ.

Црногорскиот среден бек се наоѓа на 14 место на листата на стрелците во француската лига со постигнати 77 погодоци.