Долг е патот до ЕП во Македонија – го почнуваат 11 селекции (ФОТО)

Денеска во Виена беше извршена ждрепката за првата фаза од квалификациите за Европското првенство што ќе се одржи во 2022 во Македонија, Словенија и Црна Гора. Tрите домаќини, како и европскиот шампион Норвешка имаат обезбедено директно место на ЕП.

Во првата квалификациска фаза ќе играат 11 репрезентации (Фарски Острови, Португалија, Грција, Италија, Косово, Израел, Финска, Луксембург, Босна и Херцеговина, Кипар и Летонија), a тие се поделени во три групи. Првопласираните од трите групи ќе играат во втората фаза од квалификациите. Натпреварите ќе се играат турнирски од 4 до 6 јуни.

Втората фаза ќе се игра со 24 селекции (21 директно пласирани и 3 од првата фаза). Тие ќе бидат поделени во шест групи по четири селекции, а прво и второпласираните ќе обезбедат место на ЕП. Холандија, Русија, Франција, Данска, Шпанија, Шведска, Германија, Романија, Србија, Унгарија, Хрватска, Полска, Чешка, Австрија, Белорусија, Швајцарија, Словачка, Исланд, Турција, Литванија и Украина ќе се борат за место на ЕП. Квалификациите ќе се одвиваат во три термини, октомври 2021, март и април 2022 година.

Ждрепката за втората квалификациска фаза ќе се одржи на 25 март, а ЕП во Скопје, Подгорица, Љубљана и Целје ќе се игра од 4 до 20 ноември 2022 година.