Дисингер открива: Останав во Вардар бидејќи Михајловски ми остави сериозен впечаток

Кристијан Дисингер беше меѓу првите ракометари што го продолжи договорот со европскиот шампион Вардар за следната сезона, иако на почетокот на годината најавуваше дека ќе биде вистинско чудо ако остане во Скопје.

Тој дојде во Вардар пред две години. Во првата освои титулата во СЕХА и во Лигата на шампионите, а во втората играше малку поради повреда.

Германскиот лев бек вели дека Михајло Михајловски го уверил дека се ќе биде во ред и дека ќе ракометарите ќе мислат само на ракомет.

„Мојот менаџер, јас и новиот сопственик Михајловски ги договоривме сите детали и јас ќе останам во Скопје уште една сезона. Кажав и лани пред дуелот со Барселона дека чуда се случуваат, па така беше и сега. Се се движи во вистинска насока. Но не сакам да преживеам уште една сезона како минатата кога немаше плата неколку месеци. Беше тешко да се фокусирам на ракомет. Сега сум убеден дека се ќе биде подобро. Новиот сопственик Михајловски ме увери дека ќе нашите пари ќе ги добиваме секој месец. Немам причина да се сомневам во тоа бидејќи тој ми остави сериозен впечаток. Не сум јас единствениот што мисли така и што ќе остане во Вардар – тука ќе бидат Стојанче Стоилов, Тимур Дибиров и Иван Чупиќ. Сите сакаме да му дадеме нова шанса на овој проект и да веруваме дека заедно ќе изградиме нешто со уште неколку млади играчи“, изјави Дисингер.

На Вардар му недостигаат уште неколку играчи за ростерот да биде заокружен. Дисингер вели дека целта ќе биде четвртфинале во ЛШ.

„Ни треба среден и десен бек. Кога ќе ги пополниме овие позиции, ќе може да кажеме дека се е можно. Поради корона кризата, на трансфер маркетот ќе има играчи што не мислеле дека ќе се најдат, но нивните клубови ќе бидат принудени да ги продадат. Нашата цел останува четвртфиналето во ЛШ“, продолжува Дисингер.

Германецот вели дека направил вистински чекор во кариерата со тоа што пред две години се преселил во Вардар.

„Тоа беше вистинска одлука. Имав неколку понуди и тогаш дојде онаа од Вардар, па си мислев – тимот е навистина силен и со малку среќа може да направиме нешто. Тоа беше освојување на титулата во ЛШ. И покрај тоа што финансиски не беше најидеално, желбата за авантура беше голема. Сакав да одам во земја во која не знам што да очекувам. Првата година беше неверојатна. Не бевме тим, туку едно големо семејство“, вели Дисингер.