Дисингер: Во Вардар веќе го нема шампионскиот дух од пред две сезони

Левиот бек Кристијан Дисингер по три сезони на лето заминува од Вардар и од Македонија. Германецот потпиша договор на две сезони со романскиот Динамо Букурешт, со кој можеби ќе добие можност да игра во елитното натпреварување.

Тој открива дека имал понуди за враќање во Германија, но се решил да се пресели во Романија.

„Можев да се вратам во Германија, но по престојот во Скопје, сфатив колку сакам да запознавам нови култури и луѓе. Динамо гради тим што може да игра на европско ниво, а јас слушав само убави работи за клубот и управата. Сакам предизвици и едвај чекам да дојдам во Романија и да ги запознаам тимот, навивачите…“, вели Дисингер.

Германецот сакал да остане во Скопје, но вели дека во тимот го нема победничкиот дух од сезоната кога беше освоена европската титула.

„Сакав да останам во Скопје, но последните две сезони по освојувањето на европската титула не беа воопшто лесни. Во тимот веќе го нема истиот дух од 2019 година. Сакам да играм ракомет на високо ниво. Тоа започнува со однесувањето надвор од ракометот, тимот, тренерот и клубот…Барав клуб кој „живее“ вака и сигурен сум дека тоа е Динамо“, вели Дисингер.

Тој мина три сезони во Скопје, а со Вардар освои една титула во Лигата на шампионите, една во СЕХА лигата, една во Суперлигата и една во Купот на Македонија, а можеби денеска ќе ја освои и втората во суперлигашката конкуренција.