Дину распали по странците: Тие им го земаат местото на романските играчи!

Некогашната голманка на Кометал Ѓорче Петров и легенда на романскиот ракомет, Луминица Хуцупан Дину, се огласи по повод најавените промени во тамошниот спорт.

Таа го поддржува предлогот на Министерот за спорт и млади, Едуард Новак – во сите спортови 40% од играчите да се домашни.

Дину за „Про Спорт“ вели дека мора да минимизира бројот на странците, особено во женскиот ракомет, за Романија да се врати на некогашните патеки.

„Сега работите се сменија, тешко е да се привлечат деца да тренираат ракомет, затоа правиме тренинг натпревари и одиме од еден град во друг за да привлечеме повеќе млади луѓе. Има криза на вредности, јас во Валчеа се обидувам да барам идни ракометарки кои ќе ги следат нашите стапки. Сакаме да стигнеме таму каде што некогаш бевме. Сега со оваа промена, со новиот претседател, се надеваме дека ќе има промена и во младинскиот и во сениорскиот ракомет. Со сето срце посакувам да го видам романскиот тим таму на подиумот, каде што некогаш беше. Не можеме да напредуваме во репрезентацијата, бидејќи тука играат многу странски играчи, а за романските играчи нема место. Ми се чини многу лоша работа што местото ни го заземаат странски играчи. Мора да се направи план од А до Ш за да дојдеме до тоа што сите го посакуваме“, изјави Дину.

Таа по заминувањето од Кометал Ѓорче Петров бранеше уште три сезони во словенечкиот Крим, па уште три во Валчеа до 2009 година пред да ја заврши кариерата. Во 2012 се врати кратко на терените. Сега работи со млади категории на ракометарки во нејзиниот матичен клуб Валчеа.