Диневска: Венло е детално анализиран, Чаир може да оди чекор напред во Европа

Тимот на Чаир викендов ќе го стартува настапот во Европскиот Куп, во кој минатата сезона направи историски успех, откако се пласираше во третото коло.

Ракометарките на Чаир настапот на европско тло ќе го започнат од втората рунда, а прва пречка за скопскиот тим ќе биде Венло од Холандија.

Членката на Чаир, Бојана Диневска, која има искуство во европските натпреварувања, со оглед на тоа дека и со Вардар играше во Европскиот Куп, улогата на фаворит им ја препушти на холанѓанките.

„Во големо исчекување сме за првиот натпревар со екипата на Венло, во стартот на нашето учество во Европскиот Куп. Ќе играме против огромен фаворит и тоа е нашиот огромен предизвик со оглед на тоа дека имавме прилика со нашиот клуб Чаир да учествуваме и да одиграме турнир и контролни пријателски натпревари со подобрите европски клубови од Полска, Чешка и Унгарија. Неочекувано и за нас пред сѐ како играчи, а и за нашите тренери и менаџерски тим, на подготвителните натпревари на турнирот покажавме добра игра и добри резултати. Тоа ни дава самодоверба и секако желба дека можеме да играме и европски ракомет”, изјави Диневска.

Левото крило изјави дека ривалот од Холандија е целосно анализиран. Според направената анализа, тимот на Венло практикува брз и модерен ракомет.

„Веќе подолго време се подготвуваме за овој старт и детално го анализираме секој играч од оваа екипа. Точно, ракометот во Холандија е во голем подем, напаѓаат доста снажно од секоја позиција, играат многу брз ракомет и натпреварот ќе бара доста трчање и целосна концентрација. Треба да се одигра многу дисциплинирано, па нека победи подобриот”, додаде Диневска.

22-годишната ракометарка смета дека Чаир може да стигне што подалеку на европска сцена, но и да ги оствари зацртаните цели во домашниот шампионат, во кој нејзиниот тим атакува на титулата.

„Пред сѐ морам да кажам дека огромна чест ми е да бидам дел од ракометниот клуб Чаир, токму поради фактот што на сите девојки во клубот, им е дадена можност за игра да ги покажат своите способности во игра, како и поради тоа што и ни е дадена можноста да се игра ракомет на европско ниво и да се оствари историски успех во европскиот ракомет. Прашањето е дали ние тоа ќе го искористиме, а јас верувам во девојките, целиот стручен штаб и верувам дека годинава со овој состав Чаир ќе оди чекор подалеку. Секако и ракометот на европските дуели, овозможува и поголем предизвик за успех, но и поголемо искуство кое се стекнува за остварување на подобри резултати во домашните дуели”, вели Диневска.

Младата ракометарка ги повика сите фанови на Чаир и љубители на ракометот да ги поддржат во европскиот предизвик против Венло.

,,Мотивирани, со континуирани тренинзи и физичка подготвеност во изминатиов период ние сме подготвени да покажеме игра, да се гледа убав ракомет, а јас ги повикувам сите љубители на ракометот, фановите на клубот Чаир, да бидат дел од натпреварот со холандскиот тим Венло во спортската сала Автокоманда и секако ќе ни биде потребна огромната поддршка од трибините”, заврши Диневска.

Првиот дуел меѓу Чаир и Венло ќе се одигра на 23 септември во спортската сала „Автокоманда“ со почеток од 14:00 часот. Влезот за сите љубители е слободен.

Реванш дуелот е закажан за 30 септември во Венло, по што ќе биде познато кој од двата клубови ќе патува во третата рунда.