Дибиров: Наградата им ја посветувам на сите во Загреб

Екс вардарецот Тимур Дибиров од страна на ЕХФ беше прогласен за најдобро лево крило за сезона 2022/23.

Иако Дибиров настапува само на клупско ниво, сепак, неговите одлични партии во дресот на хрватскиот шампион беа доволно да го добие големото признание.

Тој наградата jа доби во Виена на свечената манифестација организирана од ЕХФ по повод од 30-годишнината од постоењето на европската куќа на ракометот.

,,Им благодарам на сите што работат во ракометниот клуб Загреб, што веруваа во мене и ме поддржуваат. Им благодарам што ми дадоа можност да ја продолжам кариерата на ова ниво. Среќен сум што со добри игри успеав да се оддолжам на таквата огромна доверба. Благодарност до моите соиграчи кои ме прифатија како свој и ми олеснија да ги покажам моите квалитети на теренот. Благодарност до сите тренери во Загреб кои не водеа и беа со нас и во добри и во лоши времиња. Благодарност до целиот стручен штаб што се грижи за нас. Оваа награда е награда на целиот наш клуб. Многу луѓе работат напорно за еден поединец да добие ваква награда на крајот од сезоната и затоа ова им го посветувам на сите луѓе во ракометниот клуб Загреб. Што се однесува до мене лично, морам да кажам дека ми е голема чест што добивам ваква награда во овие години. Среќен сум и едвај чекам да започне новата сезона. Сакам да продолжам во ист ритам”, изјави Дибиров.

Искусниот ракометар со тимот на Загреб и во следната сезона ќе се натпреварува во Лигата на шампионите.

Хрватскиот шампион е еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во рамки од групата А.