Дибиров: Можеби Вардар пак ќе биде силен како порано, но ќе биде тешко

Со заминувањето на Сташ Скубе и вториот шампионски тим на Вардар продолжува полека да се растура. Во клубот остануваат уште само неколку играчи кои имаат трофеј, па останува да се види колку од нив ќе го носат „црвено-црниот“ дрес и во новата сезона.

Заменикот капитен во редовите на Вардар, и ракометар кој веќе седум години е во „црвено-црниот“ дрес, Тимур Дибиров вели дека го разбира Скубе зошто си замина и дека знае дека Сташ до последен момент чекал пред да донесе одлука за преселба во Мешков Брест, но дека морал поради семејството.

Во моментов е тешко да се каже што ќе биде со Вардар и како „црвено-црниот“ тим ќе изгледа следната сезона. Воедно вели дека веројатно дојде време кога мора да се случи некаква трансформација.

„Веројатно дојде време. Сите ние сакавме до крај да сме тука и верувавме дека ќе биде Вардар исто како порано. Mожеби Вардар, пак, ќе биде силен како што беше. Сè е можно, но ќе биде навистина тешко. Не е само да доведеш квалитетни ракометари во екипата. Сите знаеме дека тоа е првиот предуслов за да имаш квалитет. Меѓутоа за да биде успешен мораш да имаш и некоја хемија меѓу играчите, а тоа е најтешкото што може“, вели Дибиров за „Балкан Хендбол“.

Тој е меѓу оние со најдолг стаж во Вардар и играч кој беше дел од речиси сите успеси во последните години.

„Седум години живеам овде и знам колку ќе недостига еден ваков клуб. Ние ги навикнавме луѓето да доаѓаат во сала. Прво доаѓаа сами, потоа со девојките или сопругите, па почнаа да доаѓаат и со децата. Доаѓаа да не гледаат нас, но и ѕвездите од сите светски екипи. Ќе биде тешко тие да доаѓаат повторно, а не можат да го видат тоа“,изјавува Дибиров.

Засега тој е уште дел од Вардар и нема информации за заминување, но останува да се види како ќе се одвиваат работите.