Дибиров: Вардар е посебен клуб, многу играчи сакаат да играат за двојниот европски првак

Тимур Дибиров пред осум години дојде во Вардар и стана легенда на повеќекратниот македонски, регионален и европски шампион.

Русинот со македонски пасош во интервју за магазинот на СЕХА ТВ, откри што прво му паѓа на памет кога ќе се споменат двете европски титули на Вардар.

„Прво што ми паѓа на памет кога ќе се споменат двете европски титули е напорната работа. Тие успеси не доаѓаат така лесно. Вложени беа многу труд, нервози, емоции… Многу работи треба да се вклопат во едно за да се стане шампион, со доста среќа, напорна работа и со трпение. СЕХА лигата ни даде голема мотивација и самодоверба, особено пред првата европска титула, кога го победивме Веспрем во финалето“, вели Дибиров.

Тој потврди дека многу играчи сакаат да го носат „црвено-црниот“ тим.

„Вардар е посебен клуб и не само поради тоа што луѓето зборуваат така. Вардар изгради големо име во последните неколку години. Многу звучни имиња сакаат да играат тука, бидејќи знаат дека ќе претставуваат двоен европски првак“, вели Дибиров.