Де Варгас жали за Келн 2019: Вардар за 20 минути нѝ „уништи“ цела одлична сезона

Ракометарите на Барселона доминираат сезонава во Лигата на шампионите и сосема реално е да се очекува од нив да бидат главни кандидати за титулата на Ф4 турнир кој ќе се одржу на крајот од годинава во Келн.

Според играта која ја демонстираат ракометарите на клубот од Каталонија тоа би требало да биде реалност, но ќе мора да се одработи добро.

Голманот на тимот на Барселона, Гонзало Перез Де Варгас e свесен дека ќе мораат да одиграат на високо ниво доколку сакаат да успеат бидејќи имаат поука од грешките кои ги направија во 2019 година против Вардар.

Де Варгас се сеќава на тој натпревар и е сигурен дека од тие грешки многу научиле во секој сегмент од играта и дека нема да ги повторат.

Тој коментираше за оние 20 минути кои им ја уништија цела сезона во која исто така беа големи фаворити за освојување на трофејот.

„Сето она што го работевме со месеци го фрливме во вода за само 20 минути на натпреварот против Вардар. Го имавме овој натпревар, а загубивме многу. Знаевме дека мораме да реагираме брзо и многу поинаку, но не го направивме тоа. Моравме да бидеме далеку поагресивни и поконкретни во играта во одбрана, но и многу подиректни во нападот, а ние не го правевме тоа во овие 20 минути и едноставно цела сезона ни се сруши во тој период“, вели голманот на Барселона, Гонзало Перез де Варгас.

На 28 декември Барселона ќе игра во полуфиналето против составот на ПСЖ, а во другото полуфинале се среќаваат Кил и Веспрем.