Дејвис го направи планот на подготовки: Шишкарев, Македа, Манасков…стартуваат на 13 јули

Пред околу еден месец после паузата заради коронавирусот ракометарите на Веспрем се вратија на тренинзите, сепак екипата не тренира комплетна. Недостасуваат ракометарите кои се заминати дома и сè уште не можат да се вратат во Унгарија.

Тренерот на екипата Давид Дејвис го закажа првиот тренинг во полн состав за 13. јули кога би требало да започнат и подготовките за завршниот турнир од Лигата на шампионите на кој Веспрем има обезбедено место и изјави дека со нетрпение очекува да ја види екипата комплетна.

Сè уште не правиме комплицирани тренинзи, избегнуваме физички контакт. Конкретните подготовки ќе започнат на 13 јули и едвај чекам да ја видам екипата повторно заедно. Ќе играме на фајнал форот но подготовките ќе бидат поинакви, бидејќи ќе се игра во декември ќе мора да ја темпираме формата за необичен период од годината. Се соочуваме со чудна сезона, можеби ќе мора да играме два фајнал фора во една сезона, така што не можеме да запреме после Келн без разлика како ќе заврши турнирот“, изјави Дејвис за унгарските медиуми.

Што се однесува до очекуваните промени во екипата, тренерот рече дека новодојдените играчи вклучително Хорхе Македа и Николај Маркусен веќе се запознаени со системот на Веспрем, така што нема да им биде тешко да се вклопат. Исто така и за Данил Шишкарев нема да биде проблем адаптацијата на системот на Шпанецот бидејќи соработуваа во Вардар со Дејвис.