Десподовска донесе важни бодови за Кобержице

Македонската интернационалка Зорица Десподовска заедно со екипата на Кобержице остварија важна победа во шампионатот на Полска против незгодниот тим на Старт Елблаг со два гола разлика, 22:20.

Поранешната ракометарка на Металург одигра важна улога во својот тим и со четири постигнати погодоци беше меѓу најефикасните во својата екипа.

Десподовска три погодоци постигна во моментите кога се кршеше отпорот на противникот, односно во последните осум минути од дерби дуелот.

Кобержице со новите освоени бодови се зацврсти на 3 место на табелата со 27 бода. Доколку се задржи ритамот од претходните натпревари, тогаш Десподовска и нејзините колешки за следната сезона ќе обезбедат настап на европска сцена.

Во следното коло, екипата на Кобержице гостува кај фенерџијата, Келце.