Деветто злато за поранешната вардарка, само две колешки имаат повеќе од неа

Ракометарката која во една сезона го носеше и дресот на Вардар, Камила Херем со победата на Светското првенство со Норвешка стигна до деветтиот златен медал на големите натпреварувања.

Херем со ова се најде на третото место на вечната листа бидејќи повеќе од неа имаат само голманките Кари Олвик Гримсо и Катрин Лунде, кои имаат десет злата досега.

Левото крило на Норвешка првото злато го освои во 2008 година во Скопје на Европското првенство, а досега има пет медали од шампионатите на стариот континент. Трипати победуваше на Мундијалите, а има и еден златен медал од Олимписките игри во 2012 година. Покрај тоа има и уште две бронзи од Олимписките игри, сребри од Европските првенства и сребро и бронза од Светските шампионати.

„Веројатно стареам штом веќе имам вака голем број медали. Се шегувам. Секако, ова повеќе покажува на колку големи натпреварувања имам настапувано. Со нетрпение го очекувам денот коа ќе можам да сендма и да погледнам наназад низ она што го имам поминато. Го освојуваш Светското првенство, потоа доаѓа Божиќ, а после тоа веднаш се враќаш во клубот. Нема многу време за размислување. Сега не би можела да зборувам за тоа што понатаму со репрезентацијата. Оваа одлука не може да биде донесена спонтано“, вели Херем.

Селекцијата на Норвешка во неделата после шест години дојде до златниот медал на Мундијалите, а Херем имаше голема улога во обезбедувањето на трофејот.