Дебитантот лесно до „десет од десет” во прволигашката конкуренција

Еден од дебитантите во Првата лига, екипата на Мулти Есенс продолжува со одличните настапи во прволигашката конкуренција и во натпревар од 11. коло оствари сигурна победа против Овче Поле, со резултат 36:29.

Гостите од Свети Николе издржаа 20 минути и во најголемиот дел од првото полувреме беа повеќе од рамноправен противник. Во егал се играше до 20 минута и во финишот од првиот дел гостите паднаа физички, не можеа да се вратат во игра и му дозволија на домаќинот да го контролира резултатот до крајот на натпреварот. Во воведниот дел се играше во егал, беше 6:6 по десет минути игра, домаќините набрзина се одлепија на 9:6, но никако не можеа да направат поубедлива предност.

При самиот крај на првото полувреме дојде до пад во играта кај гостинскиот табор и избраниците на Ѓорчев не можеа да направат нешто повеќе во дуелот со ракометарите на Ангеловски. Екипата на Мулти Есенс при резултат од 12:11 направи серија од 3:0, се одлепи на 15:11 и на полувреме замина со активен резултат од 19:16.

Мулти Есенс во вториот дел играше многу полесно, продолжи да диктира темпо, започна да зголемува на повисока разлика, дојде до 25:19 и во тој момент беше скршен отпорот на гостинот. До крајот немаше поголема промена на резултатот, домаќините држеа чекор со ривалот и беа подоминантни во вторите 30 минути. Во 55 минута црвен картон поради три исклучувања заработи членот на Овче Поле, Дино Динев.

Предводник во победничката екипа беше Михајло Костовски со девет погодоци. Во поразениот табор најефикасни беа Стефан Коцевски со седум и Димитрија Крстев со шест погодоци.