Двоцифрен триумф на битолчани во Радовиш

По ремито против вториот тим на Еурофарм Пелистер, актуелниот македонски вицепрвак Еурофарм Пелистер многу посериозно го сфати гостувањето во Радовиш и без проблеми триумфираше со 37-21( 18-12). Со трите бода, битолчани се зацврстија на првото место на табелата во Група Б со 10 бодови, еден повеќе од Тиквеш.

Натпреварот требаше да се игра во Битола, но екипите се договорија за промена на домаќинството, па така овој меч ќе се игра во Радовиш, а вториот во Битола во средината на ноември. Тренерот Ларс Валтер не сметаше на Руди Сери и Вилсон Дејвис, а повеќе шанса за играње доби Емилијан Ѓорговски и Павле Атанасијевиќ.

Домашните ракометари првиот гол го постигнаа во 7 минута кога намалија на 1-3, по што лседуваше нова серија на „зелените“ кои зголемија на 6-2 во 9. минута. Немаше дилеми и неизвесност. Почетокот покажа кој е фаворит, така и се постави, тргна силно покажувајќи дека се решени брзо и рутински да ја решат работата.

Мало опуштање во играта на Еурофарм Пелистер и во 15 минута Радовиш намали на 9-7. Но, таа закана траеше кратко и за три минути гостите од Битола зголемија на 11-7. По тајмаутот на домаќините во 18 минута дојде еден гол на Вјештица, потоа и на Постолов ама во меѓувреме битолчани веќе нанижаа 15 гола и во 21 минута водеа со 15-9. Веќе се чинеше дека е скршен отпорот на домашните, и до крај на полувремето таа предност се зголеми до максималните „плус 8“ за 20-12.

Таа разлика од првото полувреме беше клучна околу одредувањето на победникот. Битолчани требаше само рутински да ги одработат и вторите 30 минути. Во 40 минута Мирко Радовиќ ја начна „десетката“ за водство 24-14. Имаа и водство до 11 голови битолчани во последните десет минути, и немаше причини за грижа околу победата.

Во следните минути од средбата ја донесоа и највисоката предност што ја имаше Еурофарм Пелистер. Во тимот на Еурофарм Пелистер најдобар стрелец беше Ненанд Костески со 8 гола, Хосни Усама постигна 7, а Мирко Радовиќ и Павле Атанасијевиќ додадоа по 6 гола. Кај Радовиш, Јакша Вјештица постигна девет гола.

Во следното коло Еурофарм Пелистер гостува во Скопје кај Јуниор Кисела Вода, а Радовиш е домаќин на Голден Арт.