ДВЕ СЕНЗАЦИИ: Белгија првпат ќе игра на СП, Грција ја елиминира БиХ

Репрезентацијата на Белгија првпат ќе игра на СП во ракомет, откако во квалификациите ја елиминираше Словачка. Иако беше предвидено да се игра бараж со Русија, поради суспензијата на руските ракометари директен пласман на СП обезбеди Белгија.
Тие успеаја да ја совладаат Словачка во реванш натпреварот со 31:26 и го заверија билетот за СП 2023 во Полска и Шведска. Првата пресметка во бараж дуелот ја доби Словачка со два гола разлика, 28:26.

Грција обезбеди учество во априлскиот бараж за Светското првенство во Полска и Шведска откако и во вториот натпревар од првиот бараж беше подобра од БиХ со 28:26. Првиот натпревар меѓу двете репрезентации, исто така заврши со победа на Грција од 24:17. И ова е една сензација бидејќи Босанците играа на последното ЕП во јануари годинава, а сега веднаш се елиминирани.

Првото полувреме од реваншот мина во егал, иако во поголемиот дел ракометарите на Грција одржуваа минимално водство од еден гол разлика. Босанците водеа само во воведниот дел со 2:1, а во остатокот од првите 30. минути, Грција беше репрезентацијата, која ја имаше контролата на резултатот. Првото полувреме заврши со предност од 12:10 во корист за Грција, додека во второто полувреме домаќините беа немоќни во својата желба за поволен резултат. Избраниците на Тони Чолина имаа сили до 40. минута кога дојдоа до израмнување на резултатот, 16:16.

Грција не дозволи пресврт, направи серија од 4:0 за водство од плус четири гола разлика, 20:16, и до крајот на натпреварот ја диктираше играта на терен. Најефикасен во репрезентацијата на Грција беше незадржливиот Бошкос Теодорос со десет погодоци. Кај Босанците најефикасни беа Дамир Кадриќ и Ален Овчина со по пет погодоци. Грците во априлскиот бараж ќе играат против репрезентацијата на Црна Гора.