Данците го наполнија голот на Саудиска Арабија, Белгија го совлада Иран

Репрезентацијата на Данска успешно ги стартуваше подготовките за Светското првенство во Полска и Шведска, откако во првиот контролен натпревар славеше против Саудиска Арабија со 43:16.

Избраниците на Николај Јакобсен одиграа одлично прво полувреме, во кое постигнаа 25 гола, а примија само пет во својата мрежа. Вториот дел беше повеќе формалност и шанса за останатите ракометари од клупата.

Овие две селекции на 7 јануари, со почеток од 16:00 часот ќе го одиграат вториот контролен дуел.

Белгија, која ќе дебитира на СП, триумфираше против селекцијата на Иран, со резултат 35:31 и докажа дека ќе биде незгоден противник на Мундијалот.

Ракометарите на Белгија вчера славеа над Мароко со два гола разлика, 30:28.

Селекциите на Грција и Грузија иако нема да учествуваат на Светското првенство, не ги изостануваат репрезентативните собири.

Грција и на вториот пријателски натпревар ја победи Грузија, триумфираше со 26:24. На првиот дуел, нашиот јужен сосед, исто така победи со два гола разлика, 34:32.