Дамите загубија и од Србија на Медитеранските игри

Женската репрезентација на Македонија која на Медитеранските игри во Алжир настапува со состав од кадетско-младински микс, беше поразена на вториот натпревар од поискусната репрезентација на Србија со 18:26 (8:10). Ракометарките на Србија победата ја обезбедија во второто полувреме кога при нерешен резултат од 16:16 направија серија од 8:0 и рутински ја завршија задачата во денешниот дуел. Во првиот натпревар, Македонија беше поразена од Турција.

Избраничките на Љубомир Савевски во првото полувреме се обидуваа да им парираат на поискусните ракометарки од Србија, кои во најголемиот дел од првите 30 минути беа во водство од еден до два гола разлика, но репрезентацијата на Македонија, најчесто преку Кипријановска не дозволуваше составот на Урош Брегар да се одлепи на поголема предност.

Македонија со голот на Дукоска го отвори натпреварот за водство од 1:0. Србија во следниот период ја имаше контролата на резултатот и речиси во целост ги користеше грешките на младиот состав на македонската репрезентација. Откако Македонија намали на 6:7, следуваше серија од 3:0 на Србија за највисоко водство од плус четири гола разлика, 6:10. Резултатот на полувреме беше 8:10 во корист за селекцијата на Србија.

Со погодоците на Дукоска и Миновска, Македонија за неколку минути игра во вториот дел го израмни резултатот на 10:10 и до 40 минута од натпреварот беше во игра за освојување на бодовите. По нерешениот резултат од 16:16, младата репрезентација на Македонија влезе во криза и дозволи противникот да се одлепи на 16:20. Тука веќе паднаа сите обиди за освојување на првата победа бидејќи Србија во последните десет минути влезе со предност од 16:23. Во последниот период од натпреварот немаше поголема промена на резултатот.

Најефикасни во репрезентацијата на Македонија беа Јована Кипријановска и Теодора Дукоска со по пет погодоци, додека Ивана Арсенивска и Андреа Седлоска постигнаа по три гола во противничката мрежа.

Репрезентацијата на Португалија е последниот противник на Македонија во првата фаза на Медитеранските игри. Натпреварот против Португалија е закажан за 2 јули, со почеток од 15:15 часот.