Дали знаете која е првата македонска екипа што играше во групите од Лигата на шампионите (ФОТО)

Лигата на шампионите под капата на ЕХФ се игра од сезоната 1993/94, а уште од првото издание на најелитното натпреварување играа и македонски екипи.

Битолски Пелистер го имаше првиот обид во сезоната 1993/94, но беше елиминиран уште во првото квалификациско коло од словенечкиот Целје, а во истата фаза загуби и од СКА Минск во сезоната 1994/95.

Во сезоната 1995/96, Борец Велес ја помина првата рунда квалификации против динамо Букурешт, но во второто коло загуби од шпанската Бидасоа. Битолчани имаа обид во сезоната 1996/97 против Тбилиси и минаа во второто коло, но таму загубија од  данскиот ГОГ Гудме.

Првпат една македонска екипа обезбеди место во групната фаза од ЛШ во сезоната 1997/98. Тоа беше екипата на Преспа Јафа Промет, која во квалификациите ги мина екипите на кипарскиот Строволос и украинскиот Шахтјор Доњецк.

Ресенци се паднаа во тешка група против унгарскиот Веспрем, германскиот Лемго и чешкиот Зубри и не се посрамотија. Запишаа голема победа над Лемго и уште една на домашен терен против Зубри.

Меѓу играчите што беа дел од ресенскиот тим се Александар Јовиќ, Горан Андоновски, Стевче Алушовски, Аце Станковски, Кристијан Илиески, Зоран Мартиновиќ, Игор Котевски…а тренер беше Јосиф Петковиќ.