Дали Вардар ќе биде „елиминиран“ од корона или директно ќе оди во Келн?

Европската ракометна федерација пред две седмици објави календар на натпревари за месец јуни, во кој се вклучени сите клупски и репрезентативни натпревари што требаше да се одиграат во текот на март, април и мај.

Но како одминува времето, а се повеќе се шири коронавирусот, така има се помалку надежи дека Вардар и ПИК Сегед ќе излезат на терен да ги одиграат натпреварите од осминафиналето на Лигата на шампионите закажани за 3/4 и 6/7 јуни. Последен датум за откажување на овој двомеч е 15 мај. ЕХФ најави дека доколку бидат откажани дуелите од осминафиналето и четвртфиналето, на Ф4 во Келн на крај на август ќе одат четирите екипи што беа најдобри во групната фаза.

Сепак во последните неколку дена низ ракометните медиуми во Европа кружат информации дека ЕХФ би можела да ги прифати критиките од ракометарите, ракометарките и ракометните работници, кои не се задоволни од новите термини на завршните турнири и дека би можела да организира Ф4 во друг термин.

Тоа значи во една седмица до крајот на јуни, од 22 до 28, ЕХФ би требало го организира завршниот турнир во Келн во машка конкуренција, а таму да играат сите 14 екипи, што имаат обезбедено осминафинале или четвртфинале. Сепак ова е настан што бара голема организација и не е јасно дали „Ланкес Арена“ и градот Келн би можеле да бидат домаќини на дури 14 екипи, а покрај тоа да бидат договорени термини за преноси со ТВ куќите, да бидат обезбедени авио билети во време кога авиокомпаниите не сообраќаат до крајот на мај, да биде обезбедено хотелско сместување, да бидат обезбедени термини за тренинг…

Во женска конкуренција, една седмица порано, од 15 до 21 јуни, салата „Ласло Пап“ и Будимпешта би требало да бидат домаќини на завршниот турнир со осум екипи, односно со сите четвртфиналисти.