Гурбиндо: Вардар е тим од европскиот врв, ќе биде голем предизвик за мене

Екипата на Вардар следната сезона ќе има нов десен бек, познато име од ракометниот свет – Шпанецот Едуардо Гурбиндо. Тој ќе ја продолжи традицијата да има шпански играчи во тимот на „црвено-црните“, и можеби и освојувањето на што е можно повеќе трофеи. Доаѓа во Скопје од летоска откако ќе му заврши договорот со француски Нант.

За Гурбиндо не е ново доаѓањето во Скопје и во Македонија. Има доаѓано како играч кога се натпреварувал во Лигата на шампионите, но и приватно кога со сопругата се шетале и ги посетувале роднините. Неговата сопруга е од Македонија, па првиот разговор Гурбиндо секако го почна со зборовите што ги знае, „малку малку“, „ајвар“, „добро“… Разбира малку македонски, но вети дека брзо ќе го научи македонскиот јазик и ќе му биде полесно.

Зад себе има една титула во ЛШ, со Барселона а сега доаѓа во клуб каде повторно има амбиција да стигне што е можно подалеку во европските купови. Одлуката да дојде во Скопје ја донел сам, и најмногу му се допаднало што клубот сакал многу да го ангажира.

„Видов дека има интерес од клубот за мене, и тоа беше еден клучен момент. Јас сум во Франција веќе 5 години и мислам дека е време за промена. Секогаш барам нов предизвик, нови цели, нешто ново да се научи. Мислам дека е ова добра шанса да се дојде во клуб како Вардар, и ќе останам тука три години доволно време да се вклопам во тимот и да постигнеме резултати. Знам дека и претседателот е амбициозен, тој ми кажа дека сака да победува. И јас сум ист менталитет, секогаш сакам да победувам на секој меч. Тоа ќе биде добар предизвик за мене. Исто така и мојата сопруга е од Македонија и ова е шанса да се научи јазикот за во иднина. Мислам дека ова е добра, но и комплетна одлука. Не само за мене, туку и за семејството. Мислам дека добро ќе се снајдеме во Скопје“, вели Гурбиндо.

Вели дека немал потреба никого да консултира, да се распрашува за Вардар, и за она што го очекува тука.

„Одлуката беше целосно моја, се разбира заедно со семејството. Не ми требаше ништо повеќе да знам за Вардар и Скопје. Не само за екипата, туку и за градот и земјата. Знам се што треба да знам за Вардар, од услови, од сала, град.. Тоа ми беше сосема доволно“, вели Гурбиндо.

Тој доаѓа во време кога тимот се засилува и секако амбициите ќе пораснат. Очекува да биде на ниво, да игра добро и заедно со клубот побрзо да ги постигнат поставените цели.

„Не ја знам целосно екипата за в година, но знам дека се создава силен тим. Затоа и бев среќен. Претседателот е амбициозен, и јас сум. Следната сезона треба да биде добра. Секако ќе ми треба малку време да се приспособам на екипата, на јазикот, но сум убеден дека таа адаптација ќе биде кратка и се ќе биде добро“, продолжи Гурбиндо.

Вардар е нов предизвик, клуб каде повторно ќе има шанса да се бори за повеќе титули, во ЛШ, СЕХА лигата, домашното првенство.

„Барселона секогаш е Барселона. Тоа е добра екипа каде имаш шанса да се бориш за сите можни титули. Јас сега играм во Нант, и секако и таму ги имаме сличните услови. Вардар е тим што е во самиот врв, каде секако ќе бидеме конкуренти на секое поле, на секој натпревар. Имаме повеќе различни првенства каде ќе треба да се натпреваруваме и да победуваме“, вели Шпанецот.

За следната сезона најважно ќе биде што побрзо да се адаптира.

„Секогаш велам дека е компликувано да се зборува за во иднина, но сакам да играм за да победувам. Мојата прва цел е да бидат со тимот, а потоа да ги потврдам и да ги подобрам моите перформанси. Се надевам дека ќе успеам во тоа. Секако дека сакам да бидеме и на Ф4. Мојата замисла за во иднина е секако тоа. Сигурно ќе ми помогне тоа што во Вардар веќе имаше еден систем на кој и ја сум навикнат. Гледав и некои натпревари, но секако треба да разговарам со тренерот да видам како тоа се функционира. Потоа и со играчите, тие ќе бидат мои соиграчи. Не се плашам од било каква новост, прифаќам секаков предизвик. Сигурно ќе се адаптирам на се што ме очекува тука, и со нетрпение очекувам да почнам“, заврши Гурбиндо.