Гром од ведро небо: Ивица Обрван не е повеќе селектор на Босна и Херцеговина!

Некогашниот селектор на Македонија, Ивица Обрван, не е повеќе предводник на Босна и Херцеговина! Искусниот стручњак одлучи да ја напушти клупата на „змаевите“, а тоа го потврди за „Оslobodenje“.

Tој лани потпиша договор на четири години, но поради неисполнетите обврски од страна на Ракометниот Сојуз на БиХ мора да замине.

„Поради тоа што не ги исполнувате обврските кон мене, но посебно по медиумските истапи на претседателот на РСБИХ последните неколку дена, одлучив дека продолжување на соработката не е можно. За следните постапки ќе ве контактира мојот адвокат. Сакам да им се заблагодарам на навивачите за поддршката што ја добивав и на стручниот штаб и играчите за соработката“, се вели во писмото на Обрван до РСБИХ.

Босна и Херцеговина на 16 и 19 март го игра бараж двомечот со Грција за место во вториот бараж за СП, и на пет дена до првиот меч остана без Обрван, а нов предводник веројатно ќе биде неговиот досегашен асистент Тони Чолина.