Граџан: Зад нас е многу добар период, треба да продолжиме во ист ритам и против Мешков

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува четвртфиналниот дуел против составот на Мешков Брест.

Пивотот Елмир Граџан вели дека добро им е познат белорускиот првак.

„Мешков Брест многу добро го познаваме, одигравме неколку натпревари и во Битола и во Брест и мислам дека се квалитетни, за што говори и нивниот успех. Ги краси многу брза игра, брза транзиција. Колку што можевме се спремивме, гледавме многу видеа за противникот“, вели Граџан.

Битолчани одиграа официјален натпревар и го совладаа Вардар во Суперкупот.

„Брзо дојде до официјални натпревари сезонава, го освоивме и Суперкупот и донесовме трофеј во Битола по шеснаесет години. Одигравме турнир во Струга и мислам дека бевме многу добар противник за Вардар, требаше и да победиме и да го освоиме втора година по ред тој турнир. Многу добар период е зад нас и само треба да продолжиме во тој ритам“, заврши Граџан.

Дуелот Еурофарм Пелистер и Мешков Брест се игра вечерва во „Боро Чурлевски“ од 20:15 часот.