Горпишин: Одигравме натпревар со две лица

Ракометарите на Вардар се враќаат со пораз од гостувањето во Германија кај тимот на Кил. Вторпат сезонава губат со 11 гола разлика, а денеска тоа беше со резултат 23:34.

После натпреварот претставник на ракометарите на Вардар на пресот беше пивотот, Сергеј Горпишин кој не успеа да се запише меѓу стрелците.

„Одигравме натпревар со две лица. До 45 минута ова беше средба со тесен резултат, се играше на високо ниво, а разликата беше до 3-4 гола. Во преостанатите 15 минути правевме лесни грешки, кои не смееме да ги правиме. Ова е Лига на шампиони, тоа е недозволиво и екипа како Кил тоа лесно го казнува. Потоа беше тешко да се вратиме од тие грешки. Сега ќе бидеме пофокусирани, ќе гледаме да научиме од овие грешки и да играме 60 минути место само 45“, изјави Горпишин.

Тој и колегите шанса за поправен ќе имаат на средбата против Мотор Запорожје за десет дена кога мораат да победат доколку сакаат да го заверат местото во осминафиналето.