Голем пресврт за Вардар јуниор, младите вардарци се вратија од минус осум за победа

Екипата на Вардар јуниор забележа голема победа против тимот на Металург 2 во скопското дерби од Супер машката лига, а победата е голема најмногу поради фактот што ракометарите се вратија од негатива од осум гола и успеаја да дојдат до триумф од 24:23.

И двете екипи добија по едно полувреме. Металур 2 имаше повеќе од играта во првите 30 минути кога ракометарите на овој тим знаеја како да одиграат против своите колеги од Вардар јуниор и да ги затворат речиси сите приоди кон голот. Тие одработија одлично и успеаја да  создадат убава предност.

Постојано разликата растеше, а добрата одбрана беше клучот за пет примени голови. Оттаму на одмор беше 5:13 што најавуваше триумф за гостите од Автокоманда.

На стартот од вториот дел се видоа далеку помотивирани играчи на „црвено-црните“. Набрзина најдоа начин како да се вратат во игра. Со серија од 5:0 за пет минути намалија на 10:13 и почнаа полека да ги запираат нападите на гостите. Сите обиди на младите „металурзи“ не даваа резултат, па во 51. минута вторпат на средбата после почетните 1:1 дојде до израмнување. Со ова се влезе во интересен финиш.

Комплетниот пресврт дојде на четири минути пред крајот кога Вардар јуниор поведе со 21:20 и до крајот на средбата се играше гол за гол. Победничкиот гол за Вардар јуниор беше дело на Ѓорѓи Дука, а Стоилевски можеше да донесе реми, но неговиот удар заврши во стативата.

Со ова Вардар јуниор освои три значајни бодови кои ќе влезат во табелата за плеј-аут лигата, додека Металург 2 останува на 8. Место со седум поени.

ВАРДАР ЈУНИОР – МЕТАЛУРГ 2              24:23 (5:13)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ (мала сала) во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Душко Камишевски од Скопје.

ВАРДАР ЈУНИОР: Гогов, Виларов, Јаневски, С. Чакалиќ, Јакимовски 1, Димевски 1, Карапалевски 8, Х. Чакалиќ, Андоноски 2, Анѓелковски 3, Стојановски, Крстевски 1, Трајковски, Атанасовски 2, Анѓеловски, Дука 6.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 6 мин.

МЕТАЛУРГ: Василевски, Ацевски, Михајлов 1, Фидановски, Мелоски 4, Кофиловски 2, Стоилевски 2, Митиќ 3, Трајковски, Ристовски 1, Георгиевски, Прцлуловски, Стојановиќ 8, Гајиќ 1, Додиќ 1, Шокоски.

Седмерци: 6/6, Исклучувања: 8 мин.