Големо засилување во Битола: Емилијан Ѓорговски пред потпис со Еурофарм Пелистер 2!

Македонскиот кадетски репрезентативец Емилијан Ѓорговски во новата сезона најверојатно ќе ги брани боите на Еурофарм Пелистер 2. Според информациите на 24Ракомет, преговорите се во завршна фаза и наскоро би требало трансферот да биде официјализиран.

Големиот талент по една сезона одиграна во суперлигашка конкуренција во дресот на ГА КЛ7 ќе има нов предизвик во кариерата. Овој тим се пресели во Првата лига, но Ѓорговски повторно ќе биде дел од елитната конкуренција. Сите го поврзуваа Ѓорговски со трансфер во новиот прволигаш Алкалоид, но тој сака да продолжи во тим од Супер лигата.

Од ГА КЛ7 ни потврдија дека засега нема ништо официјално околу можниот трансфер на Ѓорговски кој има договор со нив. Тој се уште се нема приклучено на подготовките на тимот по завршување на обврските со кадетската репрезентација на Македонија.

Ѓорговски потекнува од Струга, а настапуваше за младинските категории на Голден Арт КЛ7. Минатата година доби статус и на сениорски репрезентативец и го имаше своето деби, а летово играше и за кадетската селекција со која стигна до финалето на ЕХФ шампионатот.

Со Ѓорговски, тренерот на битолчани Александар Јовиќ ќе добие поширок избор на бековската линија и ќе може да се надева на повторување на успехот од минатата сезона, односно пласман во плеј-офот. Претходно Еурофарм Пелистер 2 се засили со искусните Благојче Трајкоски и Милан Ѓукиќ, потпишаа и Андре Буторац.