Големи бодови од Ескишехир за Полјаците, го отворија патот кон ЕП 2022

Во натпревар од Групата 5 од квалификациите за Европското првенство во 2022 година селекцијата на Полска како гост без проблеми обезбеди победа против Турција со 29:24.

Првото полувреме помина во израмнета игра во која репрезентацијата на Полска имаше водство од еден до два гола разлика. Турција во неколку делови од натреварот имаше и шанса да го израмни резултатот, но секогаш недостасуваше вистинскиот и храбриот чекор.

Во второто полувреме продолжи добрата игра на репрезентативците на Полска која ги принуди домашните ракометари на многу грешки во нападите. Предводени од бековите и крилата, Полска стигна до важни бодови кои ќе дадат сигурност за продолжението од квалификациите.

Дорук Пехливан беше најефикасен на натпреварот и во репрезентацијата на Турција со 9 голови, но овие погодоци беа недоволни за победа. Во Полска се истакнаа Аркадуш Морито и Томаш Гембела со по шест голови. Пивотот на Вардар, Патрик Валчак немаше голови на овој дуел.

Овие селекции ќе одиграат уште еден натпревар. Истиот е предвидено да се одигра на 9 јануари на теренот на Полјаците. Со уште една победа селекцијата на Полска ќе се доближи до пласман на шампионатот кој ќе се игра во Словачка и во Унгарија во 2022 година. Турција, пак, е сè подалеку после вториот пораз.