Голден Арт 2 стигна до „два од два“ во прволигашкиот плеј-оф

Екипата на Голден Арт 2, која е дебитант во Првата лига, во натпревар од 2. коло од плеј-оф фазата славеше победа против Шампион со 33:25. Во претходното коло Голден Арт 2 беше подобар од Младост Богданци.

Домашниот тим на почетокот од дуелот успешно им парираше на ракометарите на Голден Арт 2, кои по нерешените 4:4 направија серија од 3:0, се одлепија на 7:4 и до полувремето беа подобриот противник на теренот. Шампион откако влезе во негатива, за момент успеа да направи камбек, па така резултатот од 15-та до 20-та минута во два наврати беше нерешен (9:9,10:10).

Избраниците на Глигоров со подобрата ангажираност во последните десет минути од првото полувреме успеаја да го запрат упорниот домаќин. Голден Арт 2 започна да води со два до три гола разлика, разиграни беа Божиновски, Стојаноски и Сиљанов, кој во моментите кога се „кршеше“ резултатот постигна два важни гола. Предноста на Голден Арт 2 на полувреме беше 16:13.

Составот на Чивлачки се обиде да се надигрува во вториот дел, но не успеа бидејќи тимот на Голден Арт 2 се почесто доаѓаше до реализација, константно беше во предност и не му дозволи на домаќинот да има било какви шанси за евентуално враќање во игра.

Победничката екипа беше предводена од Андреј Божиновски со девет и Петар Стојаноски со осум погодоци. Кај Шампион најефикасен со пет реализации беше Илија Пејковски.

Дебитантот со новите освоени бодови останува во игра за првите три позиции на табелата во прволигашкиот плеј-оф.

За потсетување, првопласираната и второпласираната екипа ќе обезбедат директен пласман во македонската елита, додека екипата која ќе заврши на 3. позиција ќе игра бараж.