Голден Арт останува на врвот, ја реши Струга во вториот дел

Тимот на Голден Арт славеше убедлива победа против составот на Струга со 35-27 во натпревар од 11 коло во суперлигашкиот плеј-аут. Мечот беше решен на стартот на вториот дел кога домашните ја дуплираа предноста од три гола од паузата и до крајот ја одржуваа и зголемуваа.

Стружани, кои со Наум Танески на клупата досега немаа пораз, парираа одлично во целиот прв дел, кога најчесто се играше гол за гол. Сепак неколку грешки пред паузата беа причина Голден Арт да стигне до плус три, 17-14.

Гошевски и Шилегов на стартот на вториот дел постигнаа три гола за 20-14 и најавија дека бодовите остануваат во Скопје. Момците на Владимир Глигоров во еден момент стигнаа и до плус десет, 25-15, па немаше дилеми околу победникот.

До крајот шанса за настап добија повеќе ракометари, но немаше многу резултатски промени на терен. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Гошевски со осум, како и Милошески и Шилегов кои дадоа по седум гола, додека кај Струга се истакнаа Маркоски и Цветаноски со по шест погодоци.

Сега Голден Арт има 27 бода на првото место, додека Струга останува на 21 на втората позиција, пред Куманово, кој е трет со 20 бода, но има меч помалку.