Голден Арт остана без Рајатоски – битолчанецот се сели во Германија

Тимот на Голден Арт во продолжение од сезоната ќе настапува без Пеце Рајатоски, кој заминува во Германија.

Некогашниот младински репрезентативец, кој покрај на десно крило, во последните неколку сезони настапува и на десната бековска позиција, во прволигашот мина три месеци.

Битолчанецот има свој придонес за одличните резултати на клубот во есенскиот дел од сезоната, каде Голден Арт е на делба на првото место со Алкалоид.

„Иако Рајатоски е многу важен за нашиот колектив, и ќе недостасува за поголема конкурентност на клубот во остварување на амбициите за сезоната која е во тек, Голден Арт го прифати барањето на ракометарот Пеце Рајатоски, својата кариера да ја продолжи во Германија и со тоа во ниту еден момент недозволувајќи клубот да биде пречка за неговиот понатамошен развој. Клубовите меѓу себе се договорија за премин на ракометарот во новата средина со надеж дека во иднина таа соработка ќе се издигне на повисоко ниво. Голден Арт како колектив во кој партиципираат исклучиво македонски ракометари, ќе работи на промоција на ракометот во Македонија и развивање на македонски производ, со крајна со цел истиот во иднина да ја преставува нашата земја на меѓународно ниво. Благодарни сме за неговиот придонес и очекуваме Рајатоски достојно да го преставува клубот и Македонија во странство“, изјави Сашко Даев, претседател на Голден Арт.

Нема многу одмор за тимот на Никола Матлиески, кој веќе утре ќе игра во Купот на Македонија против Партизан Гевгелија.