Годините се само бројки – Тоскоски ќе игра уште две години за Аполда (ФОТО)

Ветеранот на ракометните терени, Игор Тоскоски ја продолжува својата успешна кариера, а потпиша нов договор со тимот на Аполда каде што настапува во последните сезони во Германија.

Тоскоски е поранешен голман на екипата на Пелистер, кој пред неколку години дојде во Германија и стана еден од милениците на составот на Аполда. Пред две години потпиша договор, но раководството смета дека уште може да придонесе за успех на тимот и одново му го продолжија договорот така што на 42 години продолжува со кариерата.

И покрај тоа што е веќе во петтата деценија имаше неколку понуди од други тимови од Германија, но тој одлучи да остане во екипата. Ова секако беше причина за големо задоволство и кај раководството, но и кај навивачите кои се задоволни што Тоскоски и во следните сезони ќе биде дел од оваа екипа.

Со своите игри, одбраните и залагањето Тоскоски е миленик на навивачите така што со враќањето на трибините ќе добие одново голема поддршка.