Ги заврши обврските во ЦСКА, но Ристовска и понатаму е „заробена“ во Москва!

Руската ракометна федерација донесе одлука да ги заврши шампионатите и да ги прогласи прваците. Кај мажите, титулата ја одбрани Чеховски Медведи, додека кај жените ист беше случајот со Ростов Дон.

Тимот на ЦСКА Москва, за кој настапува македонската репрезентативка Сара Ристовска, во деби сезоната во елитната конкуренција го освои бронзениот медал и ќе игра во Лигата на Европа.

По паузата за репрезентативни настапи на крајот на март, Ристовска се врати во Македонија, но натпреварите беа одложени, па повторно замина во руската престолнина. Потоа следуваше прекинот на лигата, па десното крило имаше само индивидуални тренинзи во домашни услови.

Сега кога е означен крајот на лигата, таа е слободна да се врати во татковината, но се уште се затворени границите, а поголем дел од авио компаниите ќе почнат да сообраќаат од средината на мај. Раководството на ЦСКА Москва најави дека ќе побара помош од амбасадата на Македонија во Русија.

„Дел од странците си заминаа, дел останаа. Во Москва се Сара Ристовска и Чана Масон. Ние ќе се обидеме заедно со македонската и бразилската амбасада да најдеме начин тие да се вратат дома, дали можеби има некои специјални летови или не. Ќе им помогнеме на нашите ракометарки најбрзо што може да се вратат дома. Ние Русите се наоѓаме во самоизолација дома, а тие во некоја странска земја во четири ѕида. Тоа е дополнителен стрес“, вели Едуард Акопјан, генералниот директор на ЦСКА Москва.

Ристовска и ЦСКА Москва ќе ја почнат новата сезона на 22 и 23 август со завршниот турнир во Купот, кој беше одложен, а доколку ја освојат оваа титула, на 29 август со Ростов ќе играат во Суперкупот на Русија.