Гино Стрезовски: Странците не ги „боли“ за македонскиот ракомет, а се поценети од домашните тренери!

Претседателот на Тренерската организација при Ракометната федерација на Македонија, Гино Стрезовски, кој веќе шест години (втор мандат) ги води македонските тренери е викенд-соговорник на 24ракомет. Екс-голманот, кој е и поранешен тренер на голем број домашни клубови, меѓу кои и Вардар и Металург, е и меѓу ретките што може да се пофали дека бил селектор и на машкиот и на женскиот сениорски национален тим на Македонија.

Стрезовски е активно посветен на обединување на македонските ракометни тренери, креирање на механизам за нивна заштита, како и Синдикат, кој ќе им гарантира некои права. Исто така се обидува да најде и начин како домашните стратези да бидат пред странците.

„Она што цел живот ме боли е што странските тренери се почитуваат повеќе од домашните. Тоа е некоја проклетија! Немаме верба во своето! Носиме ’мешетари’ кои ништо не оставаат и единствено ги интересира да ги земат парите. Стотици тренери минаа низ државава од непознати, па се до Лино Червар, се прошетаа, си направија имиња, со исклучок на Раул Гонзалез и Парондо, другите никој ништо не направи кога замина од тука. Мене, на пример, да ми се соберат пет студенти пред кабинет и да протестираат дека сум лош професор ќе си ги соберам работите и ќе си заминам и нема да се појавам на факултет. На Лино 20 играчи му ги фрлија торбите, на сите им рече пријатно и никого не го интересираше што, како и каде натаму со нив. И уште еден интересен факт – сите големи резултати, зборувам за репрезентација ги направија наши тренери!… Јас немам против странските тренери, туку против начинот на кој тие доаѓаат и се однесуваат тука. Нив не ги боли за македонскиот ракомет како што не боли нас. А од друга страна немаме право да влијаеме на одлуката на сопствениците на клубовите“ – потенцира претседателот на Тренерска организација, Гино Стрезовски.

Со Стрезовски разговаравме и за Центарот за едукација, за тоа дали Тренерската организација има збор при изборот на селектори, за актуелната поставеност на работите во женскиот и машки национален тим, како и за системот, кој треба да се постави за посветла иднина на македонскиот ракомет. Деталите прочитајте ги во саботното викенд-интервју.