Гидсел: Сезоната ќе ја завршам во ГОГ, ниту Флензбург не може да ме премисли

Десниот бек на репрезентацијата на Данска и МВП од Олимписките игри во Токио, Матијас Гидсел, ги демантираше шпекулациите за негова евентуална преселба во Бундес лигата, односно во Флензбург.

Германскиот тим имаше лош старт во Бундес лигата и во Лигата на шампионите, па поради тоа клубот сакаше да донесе нови ракометари за подобри резултати во понатамошниот тек на домашните и меѓународни натпреварувања.

Сепак, Гидсел одлучи да остане во ГОГ Гудме до крајот на сезоната, иако имал голема шанса да го напушти клубот и да се пресели во Флензбург.

„Можам да потврдам дека оваа сезона ќе ја завршам во ГОГ Гудме. Сакам да го завршам данскиот шампионат, иако не го кријам фактот дека сега имав можност да ја напуштам Данска. Но, има недовршени работи во ГОГ. Ниту Флензбург, па ниту кој било друг клуб не може да ме премисли“, изјави Гидсел.

Моментално, Флензбург има проблеми во својот ростер бидејќи Магнус Род и Франц Цемпер се повредени. Од следното лето, Гидсел ќе настапува за Фуксе Берлин.