Георгиевски: Младите играчи ќе експлодираат и ќе докажат дека местото им е во Вардар

Македонскиот шампион Вардар од вчера ги започна подготовките за новата сезона во која ќе биде активен на домашна сцена и во регионалната СЕХА лига.

Десното крило Гоце Георгиевски, ја продолжи верноста кон „црвено-црните“ за уште две сезони и вели дека најдобро за сите е побрзо да се заборави тоа што се случуваше во јуни.

„Почеток на нова сезона. Исти амбиции, исти цели. Мислам дека најдобро за нас е да го заборавиме овој период и се што се случуваше во врска со неиграњето во Лигата на Шампионите. Тоа треба да го оставиме што поскоро зад нас и да се насочиме кон тоа што следи, македонското првенство и СЕХА лигата. Имаме релативно млада екипа, доста изменета во однос на претходната сезона. Посакувам добри подготовки, успешни и сите да останат здрави. Гледам потенцијал во оваа екипа, има доста млади играчи кои мислам дека ќе експлодираат и ќе докажат дека нивното место е во Вардар. Амбициите се исти, освојување на шампионската титула во Македонија. Ќе биде тешко имаме ривал Еурофарм Пелистер против кој секоја сезона е се потешко, но мислам дека тоа е добро за македонскиот ракомет и квалитетот. Мислам дека ќе гледаме уште една интересна ракометна сезона во Македонија“, изјави Георгиевски.

Вардарци ќе тренираат во Скопје пред настапот на Струшкиот турнир и соочувањето со Нексе Нашице во четвртфиналето на регионалната СЕХА лига.