Гаџа за 24 Ракомет: Симиќ нè сруши, нѝ ја уништи самодовербата

Хрватска имаше тежок натпревар и слабо издание против селекцијата на Црна Гора во првиот натрпевар од главната рунда и го забележа вториот пораз на првенството со 26:32.

Средниот бек на Хрватска и на Вардар, Анте Гаџа не беше задоволен од изданието на неговата екипа, но не бара оправдувања за поразот, а ја истакна главната причина за триумфот на противникот.

„Од почетокот влеговме малку нервозно, не знам која беше причината, но не треба да бараме оправдување. Не баравме оправдување ниту кога победувавме, ни беше добро, а не треба ниту сега. Тоа е тоа, изгубивме, сакавме повеќе, сакавме да покажеме борбеност и желба како во првиот круг, но не ни успеа денес. На чело со голманот Симиќ кој беше брилијатен и го сопре секој наш зицер и кој ја подигна нивната самодоверба, а ја сруши нашата Црна Гора триумфираше и мислам дека тоа е причината за нашиот пораз денес. Реков дека не сакаме да се вадиме на проблемите, не можеме во друга кожа и ќе се обидеме да одиграме подобро на останатите натпревари и ќе се обидеме веќе во сабота да ја победиме Данска“, рече Гаџа за 24 Ракомет.

Натпреварите од групата 1 продолжуваат во сабота, Црна Гора повторно во терминот од 15:30 часот ќе игра против Холандија, додека Хрватска ќе има голем предизвик во репрезентацијата на светскиот шампион Данска, овој дуел се игра од 20:30 часот.