Вјештица: Ракометот е спорт број 1, затоа ја избрав Македонија како прва интернационална станица

Екипата на Радовиш во првото коло од новата сезона во Суперлигата одигра нерешено против Јуниор КВ, 22:22, иако имаше голема шанса сезоната да ја започне со победа.

Еден од новите ракометари во составот на Љупче Мијалов, средниот бек Јакша Вјештица се надева на добар пласман во регуларниот дел од Суперлигата.

,,Натпреварот против Јуниор КВ беше навистина тежок. По добриот почеток, не одигравме дел од тоа што беше договорено пред натпреварот, што предизвика пад во играта и воедно и во резултатот. Се подготвуваме за следниот натпревар против Тиквеш и се надевам на добар резултат. Атмосферата во екипата е одлична и покрај тоа што имаме еден повреден играч, како и еден играч, кој си замина (Кристијан Ристов). Јас би сакал да успееме и да се пласираме во плеј-оф фазата. Мислам дека времето ќе покаже во кој дел на табелата ќе бидеме позиционирани”, изјави Вјештица за 24Ракомет.

Вјештица пред да пристигне во Македонија, односно Радовиш, на своја адреса имал уште неколку понуди за интернационална кариера, но поради квалитетот на македонскиот шампионат го одбрал Радовиш.

,,Првпат сум надвор од Србија и можам да кажам дека за сега сѐ е одлично. Имав уште неколку понуди за интернационална кариера, но најмногу ми се допадна понудата од Радовиш. Тука сум задоволен од сѐ и овде ракометот е спорт број еден. Српскиот и македонскиот шампионат се квалитетни,но предност ќе му дадам на македонскиот шампионат бидејќи пристапот е многу попрофесионален во секој поглед”, заврши Вјештица за 24Ракомет.

Радовиш во второто коло од Суперлигата ќе гостува во Кавадарци кај Тиквеш.