Вујовиќ: Среќа не игравме со Бутел, со ваква игра ќе загубевме…

Вардар прв пат ја имаше улогата на фаворит во Лигата на шампионите и прв пат загуби пред домашна публика оваа сезона. Пораз од Монпелје за враќање во реалноста и за освестување пред продолжението на сезоната. Има уште многу да се одигра во Лигата на шампионите, но денешната претстава на „црвено-црните“, според тренерот Веселин Вујовиќ не била достојна ниту за скопски Бутел.

„Среќен сум што денеска не игравме против Бутел бидејќи и против Бутел ќе загубевме со грешките кои бековите ги направија денеска. Колку технички грешки имавме со ваква игра ќе загубевме од која било екипа во Македонија. Очигледно првите натпревари нè опуштија премногу и сметавме дека сме многу силни и дека можеме секого да победиме. Сепак, натпреварот против Монпелје ни беше шлаканица. Сега имаме пет бода после четири натпревари што и не е така лошо бидејќи има екипи кои уште немаат бодови. Реков и претходно дека мораме да бидеме  подготвени за ова, дека ќе дојдат лоши времиња и затоа сега ќе се види колку навистина сме силни“, рече тренерот Вујовиќ на прес-конференцијата по натпреварот.