Вујовиќ: И без Сагосен и Вајнхолд, Кил може да победи против секого во Европа

Вардар в среда (СЦ „Јане Сандански“ – 20:45ч) го игра дуелот од 6. коло од Лигата на шампионите, а во него се среќава против тимот на Кил што е дерби на колото и сигурно ќе биде максимално интересно бидејќи после два порази „црвенo-црните“ ќе треба да „гризат“ 60 минути на теренот за да се дојде до триумф.

Тренерот Веселин Вујовиќ верува дека Вардар може да ја крева формата и да се избори за добар резултат, но е внимателен бидејќи ривалот е сериозен и тим со голема традиција зад себе.

„Кил доаѓа во момент кога не е во најдобра форма и има неколку играчи кои не се во состав. Не оптоваруваат вестите кои играчи доаѓаат или не доаѓаат. Јас би сакал Кил да дојде во комплетен состав. Би сакал Вардар да игра не само во моментите на инспирација, носен од публика, да има емоции и потоа да падне како против Монпелје туку и да победуваме и кога не сме во најдобра форма и не играме најдобро. Да бараме оправдување нема причина. Сите знаеме дека ние сме екипа која беше формирана пред почетокот на сезоната. Дојде нов тренер, дојдоа нови десет играчи и тоа не е лесно да се вклопи. Вардар има уште многу простор за да напредува и да биде многу подобар“, рече Вујовиќ на денешниот прес.

Тој коментираше и за дуелот против Алборг од кој ќе треба да се извлече поука, но имаше и пофални зборови за следниот противник.

„Ние игравме еден добар натпревар против Алборг и го загубивме натпреварот во 5-6 минути на почетокот на второто полувреме. Да останевме близу со резулатот ќе бевме во егал. Тоа е квалитет на Алборг кој знаеше да ги кани нашите грешки. Ќе се потрудиме да го победиме Кил без разлика на составот. Има најави дека не доаѓаат Сагосен и Вајнхолд, но тие и во ваков играчки состав можат да победат секого во Европа. Дали се заморени од дербито против Магдебург не можеме да зборуваме и калкулираме со тие работи. Најважно е Вардар да одигра добар натпревар и да покаѓеме квалитет, а крајниот резултат ќе го видиме кога натпреварот ќе биде завршен“, коментираше Вујо.

Со каков состав ќе допатува Кил во Скопје ќе се знае утре, а сигурно нема да биде воопшто лесно бидејќи и доколку нема 2-3 ракометари во тимот „зебрите“ имаат кадар за да го надоместат отсуството.