Вујовиќ: Во Иран има ракометари кои би можеле да играат во Вардар, Загреб…

Поранешниот тренер на Вардар, Веселин Вујoвиќ, повторно се врати во репрезентативните води откако ја презеде репрезентацијата на Иран, со која треба да настапи на Светското првенство во 2023 година.

Искусниот тренер од Црна Гора, на 10 мај го официјализираше договорот со иранската ракометна федерација.

По пристигнувањето во престолнината на Иран, Техеран, Вујовиќ истакна дека е задоволен од условите за работа и додаде дека во репрезентацијата на Иран има многу перспективни ракометари кои би можеле да играат во многу европски клубови.

„Беше потешко да се стигне во Иран бидејќи патував преку Турција, па не смеев да летам без направен PCR тест. Можам да кажам дека сум воодушевен од Иран. Техеран, град во кој сега живеам е комбинација од Истанбул, Атина, Скопје и Сараево, убав град без негативни мислења кои се вообичаени кај нас кога ќе се спомене овој дел од светот. Се осмелувам да кажам дека во Иран има играчи кои веднаш би можеле да играат во многу силни европски клубови, пример, во Загреб, или во Вардар, каде што работев во мојата кариера“, изјави Вујовиќ за Спортске Новости.

Екс стратегот на „црвено-црните“, последниот репрезентативен ангажман го имаше во репрезентацијата на Словенија. Вујовиќ, словенечката репрезентација ја предводеше од мај, 2015, па сѐ до ноември, 2019 година, кога пред почетокот на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, доби отказ од ракометниот сојуз на Словенија. Во 2007 година беше селектор на сениорската и младинска репрезентација на Македонија.