Вулф: Ми се допаѓаат провокациите од трибините

Голманот на полскиот шампион Келце, Андреас Вулф ќе ја игра втората сезона во екипата откако го напушти Кил. Келце има многу проблеми со спонзорите во последно време, но претседателот Сервас прави големи напори тоа да не се одрази на тимот.

Германецот во интервју за сајтот sportowefakty.wp.pl говореше на многу различни теми, а меѓудругото нагласи дека со нетрпение очекува да започне сезоната и да се врати на терените, особено првиот натпревар од Лигата на шампионите против Фленсбург.

„Со нетрпение го очекувам натпреварот против Фленсбург, тоа ќе биде нашиот прв меч кој ќе ни даде слика за наредните натпревари. Победата ни е важна за да стекнеме самодоверба и ќе биде ветер во грбот за продолжението на сезоната. Овој натпревар ќе биде многу важен особено за мене како Германец и поранешен играч на Кил кој има посебен однос со навивачите на Фленсбург. Тие сигурно не ме заборавија, но ми се допаѓаат провокациите од трибините. Уште првиот пат кога играв со Кил во нивната арена постојано ми дофрлуваат уште на загревањето. Фленсбург има исклучителни навивачи, одличен тим и тоа го прави голем ривал“, рече Вулф.

Германецот ги спореди најдобрите клупски натпреварувања во ракомет и фудбал и смета дека наптреварите со исти противници во Лигата на шампионите во ракомет се здодевни за разлика во фудбалот каде што многу поретко се сретнуваат исти тимови.

„Лигата на шампионите треба да биде посебна. Во фудбалот тое е совршено решено, една година може да играте против Барселона, друга против Јувентус а потоа со Атлетико Мадрид. Тие имаат средби постојано со различни тимови и ретко се среќаваат исти противници. Ние додека играме против најдобрите во групната фаза ја губиме уникатноста. Мислам дека би било добро да имаме повеќе групи во Лигата на шампионите, можеби некој сличен формат со две групни фази како на Европските првенства“, коментираше Вулф.

И покрај проблемите Келце во сезоната влегува со големи амбиции како во домашното првенство така и во Лигата на шампионите што истакна и Вулф. Тој смета дека подеднакво е важна титулата во домашниот шампионат и онаа во европските натпреварувања.