ВРЕМЕПЛОВ: Пелагонија – првиот клуб од Македонија што играл во најдобрата лига во Југославија!

Првиот ракометен клуб од Македонија кој играл во Првата лига на поранешнатa сојузна република Југославија е РК Пелагонија. Клубот е создаден со спојување на двете битолски екипи Пелистер и Работник.

Спојувањето на клубовите е резултат на одлуката на тогашните ракометни работници во Битола да се задржи квалитетот на повисоко ниво. Од тогаш клубот продолжил да егзистира под заедничко име Пелагонија. Подоцна името на битолската гордост ќе биде променето во Пелистер кој продолжува да постoи и денеска под името Еурофарм Пелистер.

РК Пелагонија бил формиран во 1967 година и во наредните четири години бил првак во републичката лига на Македонија. Од спојувањето на екипите наредните неколку години ракометот ги освоил симпатиите на младите во Битола и станал најпопуларен спорт. Тоа го потврдуваат и успесите кои ги постигнале како најдобар клуб во Македонија кој обезбедува за прв пат пласман во најдобрата лига на Југославија.

Првиот обид Пелагонија да обезбеди место во тогашната најдобра лига бил неуспешен откако несреќно загубиле во квалификациите кои се играле во Лесковац. Но веќе следната 1970 година на домашен терен Пелагонија обезбедила настап во Првата сојузна лига. Во сезоната 1970/71 Пелагонија за прв пат се натпреварува во најдобрата лига, а како најзаслужно име се споменува Пеце Димитровски – Докторот како што го викале наивачите. Во тогашниот состав на Пелагонија биле: Трајковски, Нашоку, Русмир, Гоцевски, Димитровски, Костадинов, Баевски, Дамјановски, Богоевски, Карабеговиќ, Сипковски, Томовски, Стојановски и тренерот Љубо Христовски.

Настапот во првата лига Пелагонија го заврши со пласман на 14. последно место. Подоцна откако клубот го смени името во Пелистер повторни се натпреваруваше во Првата сојузна лига, а во 1986 година Пелистер е првата екипа од Македонија која настапила во европските купови. Тогашен противник на Битолчани бил Атлетико Мадрид.