Врањеш: Нема да играме на лето

Селекторот на репрезентацијата на Словенија, Љубомир Врањеш во интервју за delo.si говореше за неговите планови со репрезентацијата после пандемијата. Покрај плановите Врањеш го кажа и своето мислење во врска со продолжението на сезоната.

„Ќе промениме многу во репрезентацијата, но не би зборувал многу јавно за тоа. Прво да ги видиме момците, тие први ќе знаат како и што ќе правиме следно. Разговарав со Зорман и уште неколку играчи, сакам да бидам во контакт со тимот, но во ова време не е лесно. Исто така сум во контакт и со луѓето од федерацијата на Словенија, но никој ништо не знае, ниту пак што ќе се случи“, коментираше Врањеш.

Репрезентацијата на Словенија во баражот за Светското првенство во Египет во 2021 година треба да игра против Србија, но со оглед на ситуацијата дуелите се одложени. Според мислењето на Врањеш летово овие натпревари нема да се играат.

„Да бидам искрен мислам дека нема да играме летово. Работите можат да се променат многу брзо. Немаме друг избор освен да чекаме и да се надеваме на најдоброто“, заврши Врањеш.