Во чест на нивните легенди: Ресенци ќе играат за Зоки, Були и Котле!

Во Ресен повторно ќе се организира ревијален натпревар под мотото „РК Преспа за Зоки, Були и Котле“ во чест на ракометните легенди од Ресен – Илче Котевски, Булент Ибрахим и Зоран Стојановски.

Исто како и во претходната година, кога за прв пат беше организиран ревијален натпревар за тројцата ракометари, кои оставија голема трага во ресенскиот ракомет, на теренот во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен ќе се појават поранешни и сегашни ракометари на Преспа.

Ревијалниот натпревар, кој ќе се одржи на 22 јули, со почеток од 18:00 часот, ќе биде одигран помеѓу екипа составена од ракометари кои настапуваат во Супер лигата, односно играчи кои во минатото настапувале за Преспа и екипа составена од ракометари кои заедно настапувале со Котевски, Ибрахим и Стојановски.

На ревијалниот натпревар ќе настапат Владо Недановски, Златко Везенковски, Владо Тасевски, Благојче Шекревски, Никола Стојчевски, Мартин Карапалевски, Стефан Крстевски, Ласко Андоновски, Били Мишевски, Ален Ќосевски и други сегашни и поранешни ракометари и тренери од Преспа.

Од раководството на Преспа по повод 30 годишнината од постоењето на клубот, ќе доделат плакети за сите оние кои помогнаа клубот да опстои на ракометната мапа во Македонија.