Во Данска се прави и женски дрим-тим, Мерк и Хеиндал потпишаа за Есбјерг

По примерот на машкиот Алборг, во Данска се прави дрим-тим и во женска конкуренција. Шампионот Есбјерг за следната сезона ги ангажираше првите засилувања. Во Есбјерг ќе пристигнат двете искусни ракометарки, Нора Мерк од Вајперс Кристијансанд, како и Катрин Хеиндал од ЦСКА Москва. Раководството на клубот преку својата клупска страна ги потврди трансферите на двете звучни имиња.

Мерк, која важи за една од најдобрите ракометарки на светот, по две сезони минати во Вајперс Кристијансанд ќе се пресели во амбициозната екипа на Есбјерг. Репрезентативката на Норвешка има освоено голем број на медали со својата репрезентација на големите меѓународни натпреварувања. Со Ларвик, Ѓер и Вајперс Кристијансад ја има освоено и Лигата на шампионите.

Дефинитивно, Есбјерг ќе добие големо засилување на десната бековска позиција. Моментално, Мете Транборг и Лине Јоргенсен настапуваат на позицијата десен бек во составот на Есбјерг. Најверојатно, една од нив ќе ја напушти екипата по завршувањето на оваа сезона.

Хеиндал од ЦСКА Москва е второто засилување во Есбјерг. Репрезентативката на Данска од 2020 година настапува за ЦСКА Москва. Пред да ја направи својата прва интернационална кариера беше дел од неколку големи клубови во Данска. Таа ќе биде замена за ракометарката од Норвешка, Марит Фрафјорд која реши да се пензионира. Хеиндал настапува на позицијата пивот и може да игра во два правци.