Во Богданци се кројат планови за опстанок – доаѓа екс играч на Мешков Брест!

Тимот на Младост Богданци во пресрет на пролетниот дел од сезоната и борбата за опстанок во Суперлигата, донесе три нови ракометари – двајца интернационалци и еден домашен.

Станува збор за белорускиот лев бек Никита Лошчаков, кој има 25 години и одлични физички предиспозиции (196 цм, 95 кг), а во Богданци доаѓа од екипата на Витјаз Леон. Претходно настапуваше за рускиот Таганрог, за Конон Гродно, а во сезоната 2018/2019 играше и за Мешков Брест, но најчесто во домашното првенство и СЕХА лигата. Лошчаков беше и младински репрезентативец на Белорусија.

Вториот играч кој доаѓа во Богданци е украинскиот пивотмен Руслан Гончаров. 26-годишниот поранешен младински репрезнтативец на Украина (207 цм, 90 кг) во минатата сезона ја мината во германскиот Сонеберг, а претходно беше дел од ЗТР Запорожје и играше во ЕХФ Купот и Балтичката лига.

Третиот играч кој ќе го пополни ростерот на тренерот Драган Вурмо е Деан Томиќ, кој ќе се врати на ракометните терени и ќе помогне во дефанзивата. Томиќ своевремено го носеше дресот на Младост Богданци, кога овој тим играше значајна улога во Суперлигата.

Младост по десетина години се врати во македонската елита каде што своевремено беше еден од најнезгодните тимови за гостување. Во првата сезона од камбекот ќе морат да се изборат за опстанокот, а за ривали ќе ги имаат Тиквеш, Прилеп, КЛ7, Радовиш, Јуниор Кисела Вода, Астраион и Работнички.